Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, и американскиот државен секретар, Марко Рубио, денес разговараа за подготовките за претстојната средба меѓу украинскиот и американскиот лидер, Володимир Зеленски и Доналд Трамп.
„Од Хаг, имав суштински разговор со американскиот државен секретар и вршител на должноста советник за национална безбедност на американскиот претседател Марко Рубио . Разговаравме за подготовките за претстојната средба меѓу Володимир Зеленски и Доналд Трамп . Обрнавме внимание на структурата на средбата, дневниот ред и клучните прашања за дискусија“, рече тој, според Суспилне.
Како што изјави, со Рубио конкретно разговарал за размена на затвореници и враќање на украинските деца киднапирани од Русија.
„Забележав дека нема напредок во враќањето на децата, на што се надевавме, и дека е потребна помош од САД“, истакна Јермак .
Тој додаде дека размената на затвореници и цивили во моментов е клучното достигнување на состаноците со Русите во Истанбул.
„Но тоа не е доволно и не влијае на крајот на војната. Русија продолжува да го нарушува мировниот процес. Се согласивме да продолжиме со конструктивната работа“, нагласи Јермак.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател го информираше американскиот државен секретар дека Киев ги поддржува напорите на Вашингтон за „стабилизирање на ситуацијата“ на Блискиот Исток.