Шведскиот фудбалер со балканско потекло и еден од најконтроверзните ликови што некогаш се појавиле во спортот, замина во заслужена пензија. Иако неговата блескава кариера, освен бројните успеси, ја одбележаа и некои наводни љубовни врски, Златан Ибрахимовиќ со години и е верен на истата жена.
Од својата партнерка Хелена Сегер се раздели дури кога мораше, односно поради обврски во клубот или репрезентацијата, но сега може целосно да се посвети на неа и на своето семејство.
Хелена Сегер е 11 години постара од Златан Ибрахимовиќ, но парот речиси никогаш не се замарал за таа разлика. Убавата Швеѓанка, поранешна манекенка, е доказ за познатата теорија дека зад секој успешен маж стои поуспешна жена. Во случајов, веројатно позрела, особено ако се потсетиме на духовитата изјава на Златан Ибрахимовиќ дека „воопшто не му е јасно што прави толку паметна жена со манијак како него“.
„Само таа ме разбира. Можеме да зборуваме за се“, призна еднаш познатиот фудбалер, кој со неговата партнерка ги има двата сина – Максимилијан и Винсент.
По кариерата во светот на модата, Хелена Сегер се посвети на бизнисот и раководеше со повеќето работи на фудбалерот, како што се договори со спонзори или преговори со нови клубови.
„Кога го запознав Златан, тој имаше 21 година, а јас 32 години. Имав богатство и кариера, не ми требаше фудбалер да ме поддржува. Бев независна. Тој дури и не беше мој тип. Кога прв пат го видов, ми го блокираше ‘Мерцедесот‘ со своето ‘Ферари‘ на паркингот во Малме. Всушност, се што видов беше голем нос и златен часовник на неговиот зглоб. Бидејќи бев нерасположена, му се развикав. Прилично грубо му реков да ја премести колата. Мислам дека не му се допадна тоа“, изјавила еднаш таа, додавајќи дека тоа сигурно не била љубов на прв поглед.
Кобната средба се случила пред две децении. Сепак, тие никогаш не ја крунисаа својата долгогодишна врска со брак. А таа има објаснето и зошто:
„Не сакам да ме етикетираат како ‘сопруга на фудбалер’. Работев напорно за да добијам се што имам. Се откажав од многу работи, се борев за себе. Мислам дека бракот може да ми го наруши тоа чувство на независност“.
Според странските медиуми, сопругата на Златан Ибрахимовиќ има околу 160 милиони долари на сметката кои ги заработила без негова помош. Своето богатство го изградила сама, уште од 13-годишна возраст, кога интензивно работела за шведскиот бренд „Gul & Bla“, а потоа и за „Diesel“, „Replay“, „JC“. Кариерата во светот на маркетингот ја започнала со компанијата „Bonner“, а потоа следувале многу звучни имиња.
Кога се преселила во Италија со Златан Ибрахимовиќ, се испробала во работата со недвижен имот, во која исто така била успешна. Таа е и голем филантроп. Таа поддржува бројни хуманитарни организации, а активна е и во „Светската фондација за детство“ со која се бори против насилството и злоупотребата на најмладите.