„Западните земји разговараат дали да испратат борбени авиони во Украина“, изјави во четвртокот премиерката на Данска, Мете Фредериксен за тамошните медиуми.
„Ова е нешто за што разговараме во групата сојузнички земји, тоа го сака Украина“, откри таа.
„Данска е отворена за идејата да испрати борбени авиони во Украина за да им помогне на нејзините воени напори против руската инвазија“, изјави во петокот данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
Данските воздухопловни сили купиле 77 F-16 од 1970-тите години, а приближно 30 се во служба и подготвени за акција.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда во четвртокот соопшти дека неговата земја планира да и даде на Украина десетина борбени авиони MiG-29. Ова ќе ја направи Полска првата членка на НАТО која ќе ги исполни сè поитните барања на украинската влада за воени авиони.
„Ќе и предадеме на Украина четири борбени авиони од советско производство во следните неколку дена. Останатите имаат потреба од сервисирање и подоцна ќе бидат доставени“, најави Дуда.
Да потсетиме, Полска беше првата членка на НАТО која испрати тенкови Leopard-2 од германско производство во Украина.
Но, изгледа дека Германија била изненадена од одлуката на Дуда да испрати воени авиони во Украина.
„Досега сите се согласија дека не е време за испраќање борбени авиони. Се уште немам никаква потврда од Полска дека тоа се случило“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Словачка испраќа и авиони во Украина
По Полска, и Словачка реши да испрати борбени авиони во Украина. Премиерот утрово најави дека на 29. март ќе ги испрати своите борбени авиони MiG во Украина.
Словачките медиуми пишуваат дека во Украина ќе испратат 13 борбени авиони.
Во исто време, американската администрација нагласува дека потегот на Полска нема да има ефект врз претседателот Џо Бајден, кој се спротивстави на повиците за испорака на американски борбени авиони F-16 на Украина.
„Во моментов нема промени во нашиот став во однос на борбените авиони. Тоа е наша суверена одлука, другите народи можат да зборуваат за нивните одлуки“, изјави Џон Кирби од Пентагон.