Дали хидроксихлорокинот ја зголеми стапката на смртност кај пациенти со коронавирус?

Во мета-анализа на податоците од неколку студии од почетокот на пандемијата на корона во 2020 година, научниците наведуваат можна поврзаност со зголемената смртност на пациентите со коронавирус третирани со хидроксихлорокин и предупредуваат за избрзана пренамена на лековите.

„Главната цел на нашата студија беше да се процени смртноста што се припишува на употребата на хидроксихлорокин за третман на Ковид-19, во првиот бран на пандемијата, пред објавувањето на веродостојни студии“, пишуваат авторите на студијата, насловена „Проценка на (бројот на) смртни случаи предизвикани од употребата на хидроксихлорокин за време на првиот бран „Ковида-19“, објавена во стручното списание „Биомедицина и фармакотерапија“.

Француско-канадски истражувачи велат дека хидроксихлорокинот може да се поврзе со скоро 17.000 смртни случаи – или 11% повисока стапка на смртност кај хоспитализираните пациенти.

Предупредувајќи за управување со идни пандемии, авторите на студијата истакнуваат: „Иако нашите проценки се ограничени со непрецизност, овие наоди ја илустрираат опасноста од пренамена на лековите кога има премалку докази“.

Како влијаеше хидроксихлорокинот на пациентите со Ковид?

Тешко е да се каже точно како хидроксихлорокинот влијаел на пациентите со Ковид.

Недостатокот на големи студии во првиот бран на пандемијата го отежнува утврдувањето на точната причина за смртта и срцевата аритмија. Научниците велат дека – не знаат – дали е само хидроксихлорокин, нешто друго или комбинација на фактори.

„Студиите на СЗО не покажаа клинички подобрувања кај пациентите, па затоа препорачавме да не се користи за време на пандемијата. Тогаш не забележавме никаква поврзаност со зголемена смртност бидејќи бројот на нашите примероци беше релативно мал. За да се открие ова, потребни се големи количини на податоци“, вели Сваминатан на прашањето на ДВ за новата француско-канадска студија на почетокот на нашата статија.

Таа студија која го поврзува хидроксихлорокинот со 17.000 смртни случаи е всушност мета-анализа, систематски преглед на 44 студии спроведени од март до мај 2020 година во 6 земји: САД (20), Италија (12), Шпанија (6), Турција (3) Франција (2) и Белгија (1).

Мета-анализите можат да бидат поверодостојни од индивидуалните студии бидејќи комбинираат резултати од многу различни студии, така што има повеќе податоци.

Но, тоа исто така значи дека податоците од студиите кои можеби користеле различни или дури и спротивставени методи се комбинирани. Доколку се приспособат студиите – поради разликите во нивната методологија – тие дури би можеле да дадат сосема различни резултати, коментира д-р Ларс Хемкенс, чиј научен труд е еден од 44-те прегледани за ова истражување.

Затоа, сè уште нема научен консензус за тоа дали хидроксихлорокинот придонел за поголема смртност на оние кои страдаат од Ковид-19.