Лубеницата не е само основна летна намирница, туку и исклучително здрава храна која нуди бројни здравствени придобивки. Освен што е освежителна, таа содржи голем број хранливи материи кои ја поддржуваат хидратацијата, здравјето на срцето и имунитетот. Нутриционистката Меги Михалчик објасни за Eating Well како редовната консумација на лубеница може да влијае на целокупното здравје.
Помага со хидратација
Како што објаснува нутриционистот, лубеницата е „богата со вода, што ја прави одличен избор за хидратација и одржување на електролитната рамнотежа бидејќи содржи калиум и магнезиум“. Со оглед на тоа што лубеницата содржи дури 92% вода, нејзината консумација може да придонесе за дневните потреби за течности – 2,7 литри за жени и 3,7 литри за мажи.
Извор на антиоксиданси
Лубеницата ја должи својата виолетово-црвена боја на ликопенот, моќен антиоксиданс кој помага во борбата против слободните радикали и може да го намали ризикот од хронични заболувања како што се ракот, срцевите и невродегенеративните заболувања. Покрај ликопенот, тука се и витаминот Ц и бета-каротенот, кои дополнително ги поддржуваат заштитните функции на телото.
Го поддржува имунолошкиот систем
„Лубеницата е добар извор на витамини А и Ц, кои се неопходни за здравјето на кожата и имунитетот“, објаснува Михалчик. Витаминот Ц, на пример, може да помогне во спречувањето, па дури и лекувањето на инфекции, а антиоксидансите во лубеницата дополнително го зајакнуваат имунолошкиот одговор.
Придонесува за здравјето на срцето
Истражувањата покажуваат дека ликопенот може да помогне во намалувањето на нивото на холестерол и шеќер во крвта, со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Ова омилено летно овошје не содржи масти, холестерол или натриум, а неговиот низок гликемиски индекс е дополнителна придобивка за здравјето на срцето и стабилноста на шеќерот во крвта.
Дали лубеницата е безбедна за сите?
Во повеќето случаи, лубеницата е безбедна за јадење, но постојат неколку исклучоци. Луѓето кои имаат проблеми со регулирањето на шеќерот во крвта, како што се дијабетичарите, треба да внимаваат на количината на природен шеќер што се внесува.
Исто така, луѓето кои се алергични на полен или одредени овошја (праски, целер, домати, портокали) може да доживеат состојба наречена синдром на орална алергија. Симптомите вклучуваат чешање или оток во устата и грлото, и важно е да се побара медицинска помош во овие случаи, советува Eating Well.