Имајќи предвид дека многу спорни прашања во односите меѓу Унгарија и Украина не се решени, тековните подготовки за средбата меѓу Виктор Орбан и Владимир Зеленски покажаа дека сè уште не е време за средба на двајцата лидери, според оценката на заменик Министерот за надворешни работи на Унгарија, Левент Маџар.
– Подготвувајќи се за средбата меѓу Владимир Зеленски и Виктор Орбан, поставивме услов прво да преговараме како да ги решиме споровите на преговарачка маса. Сè уште не сме стигнале до таа точка и затоа оваа средба сега би била ненавремена, но работиме на тоа. Украинците презедоа некои чекори за да ги исполнат нашите барања – изјави на новинарите заменик шефот на дипломатијата на Унгарија.
Во текот на изминатите две години, Орбан не одржа соодветна средба со Зеленски, за разлика од другите лидери на земјите-членки на ЕУ, тој никогаш не го посети Киев, а за време на инаугурацијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милај, унгарскиот премиер доби покана да ја посети Украина, според Ројтерс.
Според информациите, Орбан ја прифатил поканата, но рекол дека министрите за надворешни работи на Унгарија и Украина добиле задача да се договорат за ова прашање, без прецизен датум за средбата.
На 8 декември, еднодомниот парламент на Врховната Рада на Украина го усвои законот за правата на етничките малцинства, кој ги зема предвид препораките на Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа.
Тој документ отстранува бројни јазични ограничувања за етничките малцинства кои зборуваат еден од официјалните јазици на земјите-членки на ЕУ, но го задржува ограничувањето на употребата на рускиот јазик во Украина.
Унгарската влада најави дека ќе го проучи документот и ќе ја оцени неговата практична примена, пренесува Ројтерс.
Будимпешта претходно скептично реагираше на обидите на Киев да ја подобри положбата на унгарското малцинство, посочувајќи дека во претходните осум години веќе била направена премногу штета на правата на унгарската заедница во Закарпатија.