Ако сакате подобри пребарувања кога користите Google, можеби наскоро ќе треба да платите за тоа.
Станува збор за користење на вештачка интелигенција за да му помогне на Google подобро да одговори на вашите прашања (ако, се разбира, мислите дека вештачката интелигенција ќе може да ви помогне толку многу).
Имено, како што пренесува FT, Google размислува за „премиум“ пребарување кое би користело генеративна вештачка интелигенција, а весникот овој концепт го нарекува „потенцијално најголемиот пресврт во бизнисот на Google досега“.
Како може ова да функционира во пракса? Тројца извори рекоа за FT дека се разгледуваат опции кои вклучуваат „додавање одредени функции за пребарување со вештачка интелигенција“ на премиум услугата, која веќе нуди пристап до асистентот за вештачка интелигенција Gemini за Gmail и Docs.
Gemini AI е веќе вклучена во услугата Workspace, а овој напреден чет-бот е достапен и за претплатниците кои имаат Google One, па новите шпекулации би можеле да укажат дека пребарувањето со ВИ може да биде дел и од Google One.
Самиот извештај на FT не дава дополнителни конкретни детали за плановите што Google ги има во моментов, а единственото нешто што им беше кажано од компанијата беше повторување на она што го нудат сите услуги за вештачка интелигенција.