„Најважната порака што ја имам за вас денес е дека можноста за проширување е поголема сега отколку што беше подолго време. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членки на ЕУ. Знаете што треба да се направи и ние сме тука да ви помогнеме и поддржиме за да го остварите тоа“, рече данската амбасадорка во земјата со седиште во Белград, Пернил Дајлер Кардел, презентирајќи ги приоритетите на данското претседателство пред Националниот совет за европска интеграција во Парламентот.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, одговори дека со децении се повторуваат истите фрази дека моментот е сега, што, како што нагласи, го слушнавме од Хавиер Солана пред 20 години и го слушаме повторно денес, но не сме сигурни дали ЕУ има капацитет да го преточи овој момент сега во календар што ќе им обезбеди сигурност на земјите-кандидатки од регионот дека ќе станат членки на ЕУ, без да бидат попречени од билатерални прашања.
„Најважната порака што ја имам за вас денес е можноста за проширување, која сега е поголема отколку што беше долго време. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членки на ЕУ. Знаете што треба да се направи и ние сме тука да ви помогнеме и поддржиме за да го остварите ова. Важно е да се искористи можноста, таа не може да се гарантира, но можноста за проширување е тука, ги знаеме предизвиците, но важно е да работиме заедно, наместо да бидеме оставени настрана, со цел да се осигураме дека оваа прекрасна земја ќе стане дел од ЕУ при следното проширување“, нагласи амбасадорот.
Таа го ценеше тоа што Данска претседава со ЕУ по осми пат, но, како што рече, за прв пат како претседателство не знаеме што ќе донесат следните шест месеци.
„Неизвесната геополитичка ситуација е пред нас секој ден и исто така има многу големо влијание врз приоритетите на данското претседателство. Насловот е „Силна Европа во време на промени“ и под ова мото имаме два сета приоритети, првиот е за безбедна Европа, која може да се брани, која има силни надворешни граници, но е исто така безбедна Европа затоа што се прошируваме, додека вториот сет приоритети е конкурентна и безбедна Европа. Проширувањето е во срцето на данското претседателство. Мислам дека за многумина од нас руската агресија во Украина е повик за будење и ја реактивираше потребата Европа да се обедини и да биде посилна и затоа акцентот сега е ставен на проширувањето“, рече таа.