,,Да не бев јас, тие немаше да бидат тука!” – Трамп за украинските војници опколени во Курск: Ќе разговарам со Путин за да ги поштедам

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да разговара со својот руски колега Владимир Путин во вторник наутро за судбината на украинските војници опколени во областа Курск.

„Ќе разговарам со рускиот претседател Путин за да ги поштедам војниците кои се во голема неволја, заробени и суштински опкружени од руски војници“, рече Трамп, пренесе Си-Ен-Ен.

Според него, тоа е сериозна ситуација бидејќи тие се опколени со руски војници.

„Верувам дека да не бев јас, тие веќе немаше да бидат тука“, додаде Трамп.

Според Си-Ен-Ен, украинскиот претседател Володимир Зеленски и воените аналитичари фрлија сомнеж врз тврдењата на Путин дека руските сили во Курск ги опколиле украинските војници.

„Извештаите дека непријателот наводно ги опколил украинските единици во областа Курск се лажни и биле измислени од Русите со цел политичка манипулација и притисок врз Украина и нејзините партнери“, соопшти украинската војска.

Според CNN, изјавата на Трамп ги потврдила наводите на руската страна и Путин за украинските војници во Курск. На прашањето дали одлуката за суспендирање на американската помош и размена на разузнавачки информации со Украина може да доведе до повлекување на украинските сили од Курск, Трамп одговори дека е спротивното.

„Многу луѓе умираат таму, а ние моравме да ја натераме Украина да ја направи вистинската работа, а тоа не беше лесно. Мислам дека тие ја прават вистинската работа сега и ние се обидуваме да постигнеме мировен договор“, рече американскиот претседател, пренесува Телеграф, цитиран од Танјуг.

Блумберг претходно денеска објави дека Трамп рекол дека кинескиот лидер Си Џинпинг наскоро ќе го посети Вашингтон поради трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии, но не прецизираше датум за посетата.

Волстрит журнал претходно објави дека американските и кинеските официјални лица разговарале за можен „роденденски самит“ во јуни, бидејќи и двајцата лидери ги слават своите родендени на средината на тој месец, кога ќе се сретнат за првпат откако Трамп се врати во Белата куќа.