Објектот во кој згаснаа животите на нашите деца, не смее повеќе да постои, туку треба да се срамни со земја! На истото место да се направи парк, во чест на жртвите. Самата глетка на таа штала е преболна за народот, нека помине уште една недела и нека се прати багер, се да сруши до темел, апелираат жителите на Кочани на социјалните мрежи посветени на општината.
Предлагаат на местото каде сега стојат руините од таканареченото кабаре Пулс, да се засадат 59 дрва, јаблани, во чест на младинците, и еден бор, во чест на возачот во Итната помош во Кочани, Илчо Гоцевски, кој почина по кобната ноќ, откако успеал да превезе во болницата во Кочани, но и во околните градови, 32 повредени младинци.
-Да се направи спомен куќа на тоа проклето место, со име и презиме да бидат спомнати жртвите. Тоа е најмалку што може да направи општината за овие невини души, порачаа граѓаните.
Во пожарот во Кочани на 16-ти март загинаа 59 лица, од кои три деца. Според последните официјални бројки, повредени се 178 млади лица.
Од загинатите, 43 се од Кочани, пет од Штип, пет од Скопје, три лица од Пробиштип, две лица од Виница и едно од Струмица.
Сите ќе бидат погребани денес.
По трагедијата, каква не памти регионот, пазарната инспекција започна со контроли во во кабарињата и дискотеките. Вчера премиерот Христијан Мицкоски кажа дека дури 80 проценти од овие објекти ќе бидат затворени, бидејќи не ги исполнувале минимално-техничките услови за работа.