Дваесет студентки од инженерските факултети на државните универзитети во земјава денеска беа промовирани како прва група на иницијативата Global Engineer Girls – North Macedonia, што ја спроведува Групацијата Лимак во партнерство со Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија.
Студентките се избрани од електротехничките, машинските, градежните и факултетите за информатички технологии и секоја од нив добива стипендија и поддршка – ментор што ќе ја води низ студиите, дополнителни обуки за развој на специфични кариерни вештини и знаења, како и можност за практикантска работа.
Главна цел на иницијативата Global Engineer Girls (GEG) е да обезбеди поддршка за девојките и младите жени и да го зголеми нивното учество во СТЕМ-областите (наука, технологија, инженерство и математика), каде што историски доминираат мажите, да го намали родовиот јаз во овие области и да ја зголеми родовата еднаквост во општеството.
Од 169 студентки по инженерство, кои се пријавиле за програмата, изборот е направен врз основа на академски достигнувања на кандидатките и вклученоста во дополнителни активности.
Global Engineer Girls (GEG) е меѓународна филантропска иницијатива која почнала да се реализира во 2015 година во Турција.
Ебру Оздемир, претседателка на Групацијата Лимак и основачка на GEG, на промовирањето на македонските студентки што ќе бидат дел од иницијативата, истакна дека по големиот успех на проектот во Турција и во Кувајт, иницијативата се проширува и во две нови земји: Северна Македонија и Косово.
-Реализацијата на иницијативата GEG во Северна Македонија е значајно, затоа што отвора нови можности жените и девојките да развиваат кариери во СТЕМ-областите и дава поширок придонес кон заложбата за родова еднаквост, рече Оздемир.
Партнер на иницијативата GEG North Macedonia е УНДП (Програма за развој на Обединетите нации). Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во државава, на промоцијата рече дека економското зајакнување на жените и девојките е една од стратешките цели во работата на УНДП и дека во таа насока УНДП повеќе години работи со Министерството за образование и наука и приватниот сектор во реализација на неколку програми за обезбедување квалификувана работна сила, како и преквалификација и доквалификација на невработените лица, особено на младите.
-Ова партнерство со МОН, GEG-иницијативата и Групацијата Лимак е од особено значење, преку кое ќе се поддржат студентки запишани на СТЕМ-факултетите, како нова движечка сила на пазарот на трудот. Драго ни е што ќе имаме можност да понудиме бесплатни обуки во Центарот СкиллсНекст во Тетово преку кои девојките ќе добијат дополнителни вештини за поефикасно вклучување на пазарот на трудот, истакна Григорјан.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во своето обраќање рече дека државава е горда што има се повеќе девојки и жени со успешна СТЕМ-кариера и дека тие се инспиративни модели за младите да се посветат на учење, наука и истражувања.
-Впрочем, последниот извештај на УНЕСКО покажува дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи, истакна Шаќири и додаде дека Владата и Министерство за образование и наука со конкретни политики, мерки и инвестиции стимулираат што повеќе девојки и жени да ги изберат СТЕМ-областите.