Здравиот начин на живот е клучен за долговечноста и целокупното здравје, но новото истражување покажува дека навиките во исхраната можат да влијаат на процесот на стареење дури и на млада возраст. Веќе е познато дека лошата исхрана го зголемува ризикот од разни болести, но најновата студија, спроведена на повеќе од 800 испитаници на возраст од 21 до 25 години, открива дека одредени навики во исхраната можат да го забрзаат биолошкото стареење.
Финските научници открија дека исхраната богата со овошје и зеленчук, со ограничен внес на преработено црвено месо, може да го забави биолошкото стареење. Спротивно на тоа, диетата која вклучува големи количини на преработено месо и газирани пијалоци е поврзана со забрзано стареење.
„Диетите кои нагласуваат поголема потрошувачка на овошје и зеленчук и помал внес на месо, брза храна и слатки пијалоци се поврзани со побавно биолошко стареење“, велат тие, според Дејли експрес.
Редовното вежбање и здравите животни навики можат донекаде да ги ублажат негативните ефекти од лошата исхрана.
Во истражувањето се користени епигенетски часовници, алгоритми кои можат да го проценат здравјето и животниот век дури и кај млади лица кои сè уште немаат клинички знаци на болести поврзани со возраста. Авторите ја истакнаа важноста на раното дејствување, велејќи: „Важно е да се истражи поврзаноста помеѓу исхраната и здравјето уште од рана возраст пред да се појават клинички знаци на болести поврзани со возраста“.
Во дополнителни анализи, истражувачите вклучиле фактори како што се телесна маса, внес на калории, физичка активност, консумирање алкохол и пушење. Последователно, врската помеѓу исхраната и биолошкото стареење стана помалку јасна, што укажува на тоа дека редовното вежбање и здравите животни навики може донекаде да ги ублажат негативните последици од лошата исхрана.
Сепак, авторите заклучија: „Добиените резултати се конзистентни со студиите спроведени кај средовечни и постари популации, како и со неколку студии спроведени кај помлади лица“.