Два дена преживеал со стрела во главата, а лекарите опишуваат чудо: „Ја држел раната затворена, како чеп“

Неврохирургот проф. Маурицио Јаконаџели, од болницата „Торете“ во италијанскиот град Анкона, откри неверојатна приказна за 64-годишен пациент кој преживеал два дена со стрела во главата.

Истрелот бил испукан од неговиот самострел и му го прободел черепот – од челото до задниот дел од главата. И покрај ова, тој не ја изгубил свеста и поминал два дена дома пред да биде однесен во болница.

Ризик од тешко крварење

„Стрелата не ги оштети клучните делови од мозокот, главните крвни садови, вените и артеријата. Само еден милиметар подалеку и пациентот ќе умреше веднаш. Имаше неверојатна среќа“, објасни професорот.

Додека не стигнал во болница, не јадел ниту пиел, а не можел ни да ја движи главата поради положбата на стрелката. Лекарите внимателно ги проучувале компјутерските томографски снимки за да се подготват за операцијата, а полицијата започнала истрага за бизарниот инцидент.

„Не е важна само постапката, туку и начинот на кој била подготвена, вклучително и анестезијата. Вадењето на стрелата носеше ризик од обилно крварење, бидејќи ја држеше раната затворена, како плута “, рече медицинскиот експерт.

Повредите од ваков вид се многу ретки во Италија, објавува „Кориере дела сера“.

„Мозокот е неверојатен“

„Се сеќавам на пациенти со истрели од огнено оружје и убодни рани во главата, што сум ги видел во Америка, но тука е невообичаено“, додаде тој.

Потсетувајќи се на случајот со Финеас Гејџ, кој во 19 век преживеал прободување на черепот со железна шипка, професорот истакнува дека е можно да се случи промена во личноста или когнитивните функции, но се надева на целосно закрепнување на пациентот.

„Мозокот е чудотворен, има способност да ги преземе функциите на оштетените делови. Имаме примери на пациенти по операција на тумор кои почнуваат да зборуваат на друг јазик, како мозокот да притиснал копче“, рече тој.

Засега, состојбата на пациентот е критична, но лекарите веруваат во неговата сила и наука, што ги поместува границите на она што е можно секој ден.