Во текот на месец јуни се пријавени 2 потврдени случаи на ХИВ и еден случај на СИДА, сите три случаи се од машки пол, според новиот месечен билтен за заразни болести објавен од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Од новите случаи, два се на возраст од 30-34 години, а еден случај на возраст од 60-64 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА“, се вели во соопштението.
Според постојните податоци за пријавени случаи (заклучно со 30 јуни), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот 1987–2025 година, е 709, имено: 136 лица починале, а 569 лица живеат со ХИВ/СИДА (4 лица имаат непознат резултат).
„Во групата на сексуално преносливи и крвно преносливи инфекции (со исклучок на ХИВ/СИДА), регистрирани се 8 заразени лица, вклучувајќи 4 случаи на вирусен хепатитис Б, 3 инфекции со хламидија и еден случај на гонореја“, се додава во соопштението.