Основното обвинителство на Струга поднесе две нови пријави против градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, поврзани со именување на директори во училиштата во Струга. Во еден случај Мерко е обвинет за неодговорно работење откако донел одлука да го именува за вршител на должноста директор во основно училиште во село Подгорче.
„Именувано лице кое не ги исполнувало условите, односно немало најмалку пет години работен стаж во воспитно-образовна работа, предвидено во Законот за основно образование. Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало функцијата директор во периодот од 11.11.2022 до 25.04.2023 година“, велат од Струга.
Во вториот случај обвинети се четири лица. Првообвинетиот е професор по француски јазик во основно училиште во Велештa.
„Како вистински употребила три лажни документи со кои полагала стручен испит во државниот испитен центар. Останатите тројца, градоначалникот на општина Струга, директорот и помошникот директор на училиштето ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за именување на првоосомничениот како вршител на должноста директор на училиштето во периодот од 19.04.2022 до 06.09.2023 година“, додаваат.
За сличен прекршок Мерко мора да се појави на суд на 22 мај. Обвинителството деновиве отвори предмет за незаконското назначување на в.д. во основното училиште во село Лабуниште.
Инаку, Мерко, кој на 26 април требаше да се појави пред судот за случајот со набавката на луксузното возило Ауди А6 од 70 илјади евра и уште три автомобили за потребите на општината, не се појави во Основниот суд на Струга. Почетокот на судењето по барање на одбраната е одложен за 3 јуни, поради обемно разгледување на предметот. Затворската казна за ова дело е од една до пет години. Инаку, Мерко е речиси една година на црната листа на САД и беше прогласен за персона нон грата од американскиот Стејт департмент.