Двочасовниот разговор меѓу Трамп и Путин заврши: Рускиот лидер вели дека бил „отворен и суштински“

Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин заврши, соопштија американски функционер и рускиот државен медиум ТАСС.

Разговорот траел речиси два часа, изјави американскиот функционер, додавајќи дека Трамп наскоро ќе даде изјава, пренесува Си-Ен-Ен.

Путин рече дека разговорот со Трамп бил „отворен и суштински“.

Русија наводно е подготвена да работи на меморандум со Украина што вклучува прекин на огнот.

„Русија ќе предложи и е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум во врска со можен иден мировен договор со кој ќе се дефинираат голем број позиции, како што се, на пример, принципите на решавање, временската рамка на можен мировен договор и така натаму, вклучително и евентуално прекин на огнот за одреден период доколку се постигнат соодветни договори“, објави руската РИА Новости за деталите од состанокот.

ТАСС, исто така, објави дека Путин „го изразил својот став за прекинот на огнот за време на разговорите“.

„Контактите меѓу учесниците на состанокот и преговорите во Истанбул продолжија, а тоа дава причина да се верува дека, генерално, сме на вистинскиот пат“, е уште еден детаљ од состанокот.

Путин денес му се заблагодари на својот американски колега за учеството на САД во продолжувањето на директните преговори меѓу Русија и Украина.

Претходно денес, Трамп имаше и телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој разговор траеше само неколку минути.