Вкупно девет лица биле згрижени во Инфективното оддление во гостиварската Болница, со симптоми на труење. По дадената терапија сите се испратени дома и нема потешки случаи.
Дежурниот лекар во Одделението за МИА информираше дека синоќа во периодот од 22 часот до полноќ биле примени пациенти на помлада возраст кои претходно се јавиле во Брза помош.
– Сите се жалеа на повраќање, дијареја и изнемоштеност. По направените анализи на крвта и прегледите им беше дадена соодветна терапија и се пуштени на домашно лекување, изјави инфектологот Ратко Наумоски.
Според првичните информации, лицата се затруле од храна во еден угостителски објект. Епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје ги презела сите мерки. Земени се примероци за анализа, по што ќе се знаат причините кои довеле до влошување на здравствената состојба на пациентите и дали станува збор за бактериолошка инфекција.
МИА синоќа информираше дека најмалку шест лица со симптоми на труење побарале лекарска помош на Инфективното одделение во Гостивар.