Девет лица починаа во новата епидемија на вирусот сличен на ебола, познат како Марбург, предупредија глобалните здравствени власти.
Вирусот Марбург, еден од најсмртоносните патогени откриени досега, веќе зарази десет лица во африканската држава Танзанија откако земјата официјално го објави избувнувањето минатата недела.
Африканската здравствена агенција објави дека девет од тие десет луѓе починале, што ја одразува стапката на смртност од 90 проценти на вирусот. Случаите беа пријавени во регионот Кагера, во северозападна Танзанија, кој има население од речиси три милиони луѓе.
Сепак, поради лесниот пристап до меѓународниот аеродром во главниот град Дар ес Салам, експертите се загрижени дека болеста може дополнително да се прошири, објави Dailymail.
Нгаши Нгонго, од Африканскиот центар за контрола на болести (ЦДЦ), за време на брифингот рече дека прават се што можат заедно со Светската здравствена организација (СЗО) за да го ограничат обемот на епидемијата.
Властите идентификуваа „околу 280 контакти“ поврзани со десетте случаи, кои внимателно се следат за можна инфекција.
„Досега се направени вкупно 31 тест, два се потврдени, додека 29 се негативни“, рече Нгонго.
Во моментов нема вакцини за лекување на вирусот Марбург, принудувајќи го медицинскиот персонал да се фокусира на поддршка на пациентите за да ја преживеат инфекцијата. Ова често ги става здравствените работници на директен ризик од заразување со вирусот, што може да предизвика крварење од очите.
Марбург вирусот е хеморагична треска, болест која ги оштетува органите и крвните садови, предизвикувајќи внатрешно крварење или крварење од очите, устата и ушите.
Вирусот може да се пренесе со допирање на телесни течности на заразено лице, контаминирани предмети или заразени диви животни. Се смета дека првично се пренесува на луѓето по продолжено изложување на рудници или пештери каде што живеат лилјаци.