Девојче избегало по 12 години ропство- киднаперот е возач на училишен автобус во Колумбија

Жртвата исчезнала пред 12 години, кога имала седум години. Таа избегала во февруари и го пријавила нејзиниот наводен насилник, кој минатата недела бил уапсен во градот Меделин, се вели во соопштението на обвинителството.

Откако било киднапирано, девојчето со години било преместувано на различни адреси во Меделин и блискиот град Бело, каде што наводно била силувана додека злосторствата биле снимени на камера.

Нејзиниот грабнувач, идентификуван како Карлос Умберто Грисалес Игуита во изјавата со негова фотографија, наводно го сменил името на девојчето, ја држел подалеку од очите на јавноста и не ја праќал на училиште, пренесува CBS News.

Осомничениот се соочува со обвиненија за киднапирање, силување на малолетно лице и производство на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца.

Обвинителството изјави дека тој „психолошки манипулирал“ со девојчето, „наведувајќи ја да верува дека ваквото однесување е нормално“.

Кога наполнила 16 години, наводната жртва се соочила со нејзиниот киднапер, што го натерало да ја затвори во куќата од која побегнала на почетокот на оваа година, според обвинителите.

Осомничениот минатата недела се појавил пред суд и ги отфрлил сите обвиненија. Нему му е одреден притвор до судењето.

Неодамна откриените случаи на сексуална злоупотреба на деца во Меделин, вклучително и оние извршени од странски туристи, предизвикаа бран на бес во Колумбија.

Градот со 2,5 милиони жители регистрирал 139 случаи на сексуална експлоатација на деца во периодот од јануари до август оваа година, покажуваат општинските податоци.

Четиринаесет странски државјани годинава се уапсени во Меделин за сексуално злоставување деца.

Во април, случајот со американски турист, кој бил уапсен откако влегол во хотел со две девојчиња, а потоа ослободен, ја наведе градската управа да ја забрани уличната проституција во туристичките области.

Сторителите на сексуална злоупотреба на деца често бегаат од казна во Колумбија. Според податоците на невладината организација Colombia Reports, која се повикува на базата на жртви на обвинителството, само 1.389 лица биле осудени за сексуално насилство врз деца заклучно со 2018 година – што е помалку од 2% од децата прегледани од лекар за наводно сексуално насилство во истиот период.

Според „Децата ја менуваат Колумбија“, 200.000 малолетници се сексуално злоупотребувани во земјата секоја година. Истражувањето за насилството врз децата од 2021 година покажало дека двајца од пет млади луѓе во Колумбија доживеале насилство пред 18-годишна возраст.