Министерот за здравство, Илир Демири информира дека нема информации околу случајот со убиството на лекарот во Железара. Очекува истражните органи и Министерството за внатрешни работи да ја спроведат истрагата.
-За жал, немам информација. Државата треба да ја спроведе истрагата. Тоа зависи од истражните органи и од Министерството за внатрешни работи. Јас, длабоко жалам за изгубениот живот. Тоа треба да го осудуваме сите тој акт. Министерството за здравство го осудува актот, рече Демири на прес-конференцијата по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата.
Министерот нагласува дека за да се намалат овие насилни напади врз здравствените работници неопходно е да се зголемат безбедносните мерки.
-Не знам како друго би можело да се намали влијанието и таквите насилни испади врз здравствени работници, освен во секоја институција да се зголемат безбедносните мерки. И да се подигне свесноста на населението дека здравствените работници се нивни пријатели, нивни слуги. Ова зависи многу од колективната свесност, рече Демири