Министерот за здравство Илир Демири, по повод 12 март – Европскиот ден за подигање на свеста против насилството врз здравствените работници, истакна дека насилството врз лекарите е недозволиво и казниво со закон.
Демири вели дека здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место, за да можат да пружат здравствена заштита.
„Податоците на Лекарската комора покажуваат дека 78 отсто од лекарите пријавиле дека се соочиле со некакво насилство на работното место, додека 80 отсто се соочиле со вербално насилство. Ова се страшни податоци, кои покажуваат во какво општество живееме. Во општеството не треба да има толеранција за насилство врз лекарите, бидејќи тоа претставува неизвесност и за пациентите“, рече Демири.
Инаку, минатата година беа направени измени во Кривичниот законик, со кои насилството врз лекарите при вршење на професионална работа се смета за напад врз службено лице, што е кривично дело и предвидува затворска казна.