Кошаркарите на Денвер ги дели една победа од пласман во финалето во НБА лигата, откако синоќа во третиот натпревар од завршницата во Западната конференција го совладаа на гостински терен ЛА Лејкерс со 119-108 и поведоа со 3-0 во серијата до четири победи.
Гостинскиот тим до победата го предводеше Џамал Мареј со 37 поени, од кои 30 во првото полувреме, додека Никола Јокиќ постигна 15 поени во последната четвртина. Српскиот кошаркар го заврши натпреварот со 24 поени, осум асистенции и шест скокови.
Денвер може да се пласира во големото финале, прв пат во историјата на франшизата, в понеделник вечер кога е на програмата четвртиот натпревар во Лос Анџелес.
Досега ниту една екипа во историјата на НБА лигата не успеала да надомести заостанување од 0-3 и на крајот да ја добие серијата.