Во Белорусија денеска се одржуваат претседателски избори на кои се кандидира и актуелниот претседател Александар Лукашенко. Централната изборна комисија (ЦИК) покрај Лукашенко регистрираше уште четворица претседателски кандидати: претседателот на Републиканската партија на трудот и правдата Александар Кизнијак, претседателот на Либерално-демократската партија на Белорусија Олег Гајдукевич, претприемачката Ана Канапатскаја и првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Белорусија Сергеј Сиранков.
Врз основа на резултатите од предизборните анкети, 82,5 отсто од Белорусите ќе гласаат за актуелниот претседател Александар Лукашенко. ЦИК објави дека се акредитирани 456 меѓународни набљудувачи од 49 земји во светот, меѓу кои и 15 европски земји, како и земји од Африка, Азија, Латинска Америка и Заедницата на независни држави (ЗНД), пренесува Танјуг.
Во резолуцијата за Белорусија усвоена во средата, европратениците ги повикаа земјите од Европската унија да не ги признаваат резултатите од претседателските избори во таа земја и повикаа на продолжување на санкциите против Минск. ЕП ја потврди својата поддршка за белорускиот народ во неговата борба за демократија и човекови права и повика на „одржување слободни и фер избори во Белорусија“, се вели на веб-страницата на телото.