Неформалната група „Протестирам против убиство на онкологија“, за денеска во 18 часот најави протест пред Владата и Обвинителството, за, како што велат, криминалот во Клиниката за онкологија.
Во протестите ќе се бара истрага за сите инволвирани во скандалот на Клиниката за онкологија.
Поранешните пациенти и роднините на пациентите од Онкологија бараат во рок од една недела надлежните да излезат со детали за текот на испитувањата, да се истражи вмешаноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, да се прошират истрагите за работата на детската онкологија, целосен преглед од работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски одлуки за сите инволвирани во криминал и онколошки криминал, за пациентите да имаат преглед на самата истрага.
Граѓаните бараат обвинителството да отвори истрага доколку во скандалозната шема за кражба на лекови е вмешан и поранешниот директор на Онкологија, кој се уште работи на оваа клиника.
Најавено е дека на денешниот протест ќе се приклучат и членовите на Самостојниот синдикат на здравствените работници.