Денес, 23 октомври се слави како Ден на Македонската револуционерна војна. На овој ден во 1893 година, во Солун е основана Внатрешната Македонска револуционерна организација (ВМРО), со цел постигнување автономија за Македонија преку револуционерна војна.
Врвот на активностите на ВМРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија.
Темелите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкото собрание присуствувале: д-р Христо Татарчев – лекар, роден во Ресен, Даме Груев – учител, роден во село Смилево – Манастирска околија, Петар Поп Арсов – учител, роден во село Богомила – Велешка околија, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, роден во Кукуш, Антон Димитров – учител, роден во село Ајватово – Солунска околија и Христо Батанџиев – учител, роден во село Гуменџа, Ениџе, Повардарска околија.