Ден на жалост во Русија по нападот во концертната сала во Москва

 – Во Русија денес е национален ден на жалост по смртоносниот напад во концертната сала во московската област.

Знамињата се спуштени на половина копје, додека луѓето полагаат цвеќе во „Крокус сити хол“, концертната сала во која вооружени лица пукаа кон луѓето во петокот вечер, убивајќи најмалку 133 лица и ранувајќи повеќе од 152.

Претседателот Владимир Путин вети дека ќе бидат казнети оние кои стојат зад „намерниот масакр“, информирајќи дека се приведени четворицата вооружени напаѓачи кои се обиделе да избегаат во Украина.

„Им изразувам длабоко, искрено сочувство на сите кои ги загубија своите најмили. Со вас тагува целата земја и целиот наш народ“, рече Путин во своето вчерашно обраќање на нацијата.

Руската власт приведе 11 лица, вклучувајќи четворица директно вмешани во нападот, соопшти Федералната служба за безбедност на Русија.