– Најмалку 10 лица починаа, а 23 се хоспитализирани како последица на ниските температури во Украина во текот на викендот.
Ладните временски услови негативно влијаеа на животот во украинските региони Одеса, Киев, Николаев, Черкаси, Кировоград и Харков.
Министерството за внатрешни работи на Украина објави дека 14 автопатишта се затворени за сообраќај поради обилните врнежи од снег и бурата, а струја немало во 16 региони.
Во регионот на Одеса снегот достигнал височина од 150 сантиметри. Спасени се речиси 2.500 луѓе, вклучувајќи 162 деца.
Во регионот на Николаев, каде што висината на снегот достигна 2 метри, за сообраќај се затворени 10 автопатишта, а помош им е укажана на најмалку 75 заглавени возила.
Во регионот Черкаси, товарните возила заглавени на патиштата извлечени се на привремените паркинзи.
Во регионот Кировоград спасени се речиси 300 луѓе и 164 возила кои биле заглавени поради обилните снежни врнежи.
Струјата била во прекин во 2.019 села во 16 региони во Украина, а центри за реагирање во вонредни ситуации воспоставени се во подрачјата погодени од лошите временски услови.
Поради лошите временски услови животот го загубија 10 лица во регионите Одеса, Киев, Николаев и Харков, а 23, од кои две деца, се хоспитализирани со симптоми на хипотермија.
Продолжуваат напорите да се отстранат последиците од лошите временски услови. Моментално се затворени 8 патишта во Николаевскиот и Кировоградскиот Регион, а прекините на струја продолжуваат во 411 места и 11 региони.