По наредба на Јавното обвинителство за организиран криминал во соработка со Службата за борба против дрога на српскотп МВР, Управата за криминалистичка полиција, по повеќемесечна претходна истрага на територијата на Белград, Ниш, Лазаревац, Суботица и Зрењанин, 13 лица се приведени денеска и тоа: М.С, М.Л, М.Ј, Д.Ѓ, М.М, Д.Н, И.Ц, Р.Р, Ѓ.П, М.Р, В.С, М.П. и Љ.Л., поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Како што дознаваме, осомничените се уапсени во рамки на меѓународната акција „Изи“, а меѓу нив се и водачите на „балканскиот картел“.
– Оваа организирана криминална група која ја сочинуваат 20 лица е осомничена дека била вмешана во меѓународна трговија со дрога.
Имено, организаторите и членовите на оваа организирана криминална група се осомничени дека во 2020 година учествувале во набавка и транспорт на повеќе од шест тони кокаин од Јужна Америка во земјите од Западна Европа и Република Србија, соопштија од српското Обвинителство за организиран криминал.
Во текот на предистражната постапка, како што е наведено, прибавени се докази за користење на апликацијата Скај преку меѓународна правна помош, како и докази поврзани со предметните заплени од други држави, пред сe од Република Франција.
– На територијата на Србија од слобода се лишени 13 лица, од седумте лица кои не се лишени од слобода, две лица издржуваат затворска казна или притвор по решенија на Кралството Холандија и на Репулика Перу.
Во февруари 2022 година, оваа организирана криминална група, која дејствувала и во карипската област Аруба, склучила договор за плаќање од 4,5 милиони евра за само една испорака на дрога.
Во тек се претреси на повеќе локации.
Во рокот предвиден со законот, полицијата со кривична пријава ќе ги спроведе осомничените во Јавното обвинителство за организиран криминал, по што ќе бидат на распит.