Утврден е идентитетот на рускиот дезертер Максим Кузминов (28), кој беше ликвидиран во Шпанија откако со хеликоптер пребегна во Украина.
Според Еуроњуз, на полицијата и’ биле потребни неколку дена да го открие вистинскиот идентитет на убиениот во крајбрежниот град Вилајојоса на југот на Шпанија. Кузминов, кој во август минатата година пребегна во Украина со хеликоптер Ми-8, живееше во Шпанија под друго име со украински пасош.
Телото на маж, за кој првично се веруваше дека има 33 години, беше пронајдено на 13 февруари со повеќе рани од куршуми околу 17 часот во гаражата на луксузна зграда во областа Ла Кала.
Страшната сцена ја открил сосед.
Инспекторите потоа пронајдоа запален автомобил во блискиот град Ел Кампело, каде што убијците избегаа откако испукаа 12 истрели во Кузминов. Извори на шпанските медиуми наведуваат дека пред да побегнат со автомобил ја прегазиле жртвата.
Шпанскиот весник La Información објави дека истражителите трагаат по двајца осомничени за кои се верува дека побегнале со возило кое подоцна било пронајдено изгорено и оставено во блискиот град.
Украинските власти потврдија дека рускиот пилот кој дезертира минатата година со хеликоптер Ми-8 бил пронајден мртов во подземна гаража во Шпанија.
– Реши да се пресели во Шпанија наместо да остане овде. Ја поканил поранешната девојка кај него, а подоцна бил пронајден убиен – пренесува украинскиот портал Украинска правда повикувајќи се на извори од воената разузнавачка служба ГУР.
Портпаролот на ГУР, Андриј Јусов, кој во септември откри дека Кузминов добил награда од 500.000 долари за неговото пребегнување, исто така ја потврди смртта на пилотот.
Шефот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин во вторникот ги коментираше наводите за смртта на Кузминов.
– Русите имаат навика добро да зборуваат за мртвите или да молчат. Овој предавник и криминалец стана морален труп во моментот кога го испланирал своето валкано и страшно злосторство – рекол Наришкин, а пренесува агенцијата ТАСС.
Кузминов предизвика сензација кога во август 2023 година го приземји својот оклопен хеликоптер на воениот аеродром во регионот Харков. Украинското воено разузнавање подоцна откри дека таа го убедила да дезертира и дека Кузминов апелирал до другите пилоти да го следат.
Пилотот е осуден како предавник во Русија .
– Контактирав со претставници на украинската разузнавачка служба, ја објаснив мојата ситуација, на која ми ја понудија оваа опција: „Ајде, ние ви гарантираме безбедност, гарантираме нови документи, гарантираме паричен надоместок, награда“ – изјави Кузминов за украинските медиуми на времето.
Руските државни медиуми соопштија дека Кузминов наводно убил двајца од неговите членови на екипажот пред да слета во Украина.
По пристигнувањето во Украина, Кузминов го обвини Путин за геноцид поради „бруталното убиство“ на Украинците и Русите во несакана војна.