Децата кои пијат енергетски пијалоци се поподложни на ментални нарушувања: Од хиперактивност до депресија и самоубиствени мисли

Енергетските пијалоци може да претставуваат ризик за младиот мозок, според новото истражување. Пијалоци со висока содржина на кофеин се поврзани со АДХД, анксиозност, депресија и други ефекти кај децата и тинејџерите.

Според истражувањето на Универзитетот во Њукасл и Тисајд, енергетските пијалоци можат да имаат негативно влијание врз детскиот мозок бидејќи нивната употреба го зголемува ризикот од ментални проблеми, вклучувајќи нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД), депресија, анксиозност и самоубиствени мисли.

Конзумирањето енергетски пијалоци има за цел да ја зголеми енергијата со кофеин и други стимуланси.

Студијата опфати повеќе од 1,2 милиони деца од 21 земја

Во една студија објавена во списанието „Јавно здравје“, научниците ги земаа предвид податоците од 57 студии кои опфатија 1,2 милиони деца и млади луѓе од повеќе од 21 земја кои консумирале енергетски пијалоци.

Британските научници ја спроведоа оваа студија како продолжение на првичното истражување од 2016 година и открија уште понегативни последици по менталното и физичкото здравје на децата предизвикани од конзумирањето енергетски пијалоци, рече водечкиот автор на студијата, професорката Амелија Лејк од Универзитетот во Тисајд.

– Истражувањето го повторивме само за да најдеме повеќе, очигледни докази кои укажуваат дека консумирањето на овие пијалоци е поврзано со негативни здравствени исходи – додаде таа.

Содржината на кофеин во енергетските пијалоци од 50 mg до 505 mg

Врз основа на овие наоди, истражувачите и другите британски здравствени организации ја повикаа владата да ја забрани продажбата на енергетски пијалоци на деца под 16-годишна возраст.

Содржината на кофеин во енергетските пијалоци се движи од 50 mg до 505 mg по пијалок.

– Овој доказ укажува дека енергетските пијалоци немаат место во исхраната на децата и младите – заклучи Лејк.