Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер го официјализираше денеска трансферот на поранешниот долгогодишен македонски репрезентативец Дејан Манасков.
„Левото крило со богата интернационална кариера целосно се вклопува во мозаикот на тим составен од најдобрите македонски ракометари и елитни странци“, соопшти попладнево битолскиот ракометен клуб во чиј редови во 90-те години од минатиот век со голем успех настапуваше и таткото на Дејан Манасков, Пепи Манасков.
Триесетиедногодишниот Манасков претходно настапуваше за матичниот скопски Металург, бундеслигашите Вецлар и Рајн Некар Левен, како и унгарски Веспрем, пред да се врати минатата сезона во македонскиот клупски ракомет како играч на Вардар 1961.
За македонската репрезентација одигра 72 натпревари и постигна 279 голови од дебито во 2012 година.
„Манасков првиот тренинг со новите соиграчи ќе го има утре, а првиот официјален натпревар е предвиден на почетокот на плеј-офот во февруари“, најави Еурофарм Пелистер.