„Секако како ЕУ секогаш сме велеле дека е многу важно да се има јавна дебата поврзана со уставните измени и се разбира дека тоа што се случи со усвојувањето на текстот за уставните измени во самата Влада, го поздравуваме ние, како ЕУ. Се разбира по што следи, значи самиот процес во Собранието на вашата земја, меѓутоа би сакал исто така да потенцирам дека прашањето во врска со уставните амандмани, тоа е суверена одлука на вашата земја, тоа е прашање коешто треба да го адресира вашата земја“, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање на МИА какви се очекувањата на ЕУ од почнувањето на процесот на уставните измени при денешната посета на Радовиш.
Според него, пратениците во Собранието кога ќе ги разгледуват предлозите, односно текстот на уставните измени, секогаш пред нив да го имаат националниот интерес на државата и секогаш на ум да ја имаат европската иднина на земјата.
Првиот човек на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, во рамките на „ЕУ со ТЕБЕ“, денеска се сретна со градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, членовите на Советот на Општината и администрацијата и претставници на граѓанските организации.
Дејвид Гир по средбата истакна дека се разговарало за многу прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Радовиш. Евроамбасадорот истакна дека во Радовиш со помош од ЕУ е изградена пречистителна станица, а разговарале и за тековни проекти.
„Се работи за зелениот модел за затоплување на Општина Радовиш, но и за идната соработка меѓу ЕУ и Радовиш. Ме импресионираше самоницијативноста на граѓаните и нивните претставници во локалната власт и тоа е единствениот начин за да може Општината да се развива во иднина“, вели евромбасадорот Дејвид Гир.
Градоначалникот Ацо Ристов подвлече дека Радовиш денес има еден европски ден, во кој граѓаните ќе можат директно да бидат информирани од амбасадорот за сите идеи и прашања, како и дилеми кои ги мачат околу патот на нашата земја кон ЕУ.