Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, потврди дека премиерот на Косово, Албин Курти, е во посета на државата и дека присуствувал на регионалниот состанок со Партијата на европски социјалисти (ПЕС), што се одржа денеска во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Скопје.
Димитар Ковачевски посочи дека вчера со Албин Курти присуствувал на вечера, заедно со другите гости, поточно со претседатели, потпретседатели и секретари на социјалдемократските партии од регионот.
„Со господинот Курти вчера бевме на вечера, заедно со сите гости кои што се дел од оваа дводневна конференција. Господинот Курти присуствува на состанокот кој што го води потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Радмила Шекеринска во нашата зграда. Вчера бевме на вечера заедно со сите други гости, со претседатели, потпретседатели, секретари на социјалдемократските партии од регионот и со организаторите на целиот овој настан“, порача Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбеил, во одговор на новинарско прашање.