„Ова е одлична можност за промоција на државата, за понатамошно политичко етаблирање на држава којашто е независна 32 години, како што е нашата, значи млада држава… Ова е одлична можност да се покажеме како домаќини, како што сме се покажале и во други прилики, како на пример при преговорите помеѓу Косово и Србија што се одвиваа во Охрид, и сметам дека после ова и ОБСЕ ќе излезе посилен, меѓутоа и ние како држава ќе излеземе посилни“, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа дали е потврдено присуството на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на утрешниот Министерски состанок на ОБСЕ, Димитар Ковачевски кажа дека тоа не е билатерално прашање на земјава туку е прашање на меѓународната организација ОБСЕ со којашто претседава нашата држава.
„Тоа што се однесува до присуството на сите делегации, Северна Македонија го направи тоа што беше потребно, нормално во координација со другите земји – членки на ОБСЕ и сметам дека ќе имаме исклучително успешен Самит којшто започнува утре. Северна Македонија треба да е горда на своето претседавање со ОБСЕ, се работи за најголемата безбедносна и политичка организација во Европа, меѓутоа и во Светот бидејќи членуваат и САД и други држави вон континентот“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.