Најновиот развој на настаните во контекст на отпочнувањето на процесот на уставни измени, за кои земјата ја има поддршката на ЕУ со цел продолжување на процесот на европска интеграција, беше тема на разговор на денешната средба во Атина меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
На средбата, што се одржав во рамките на посетата на Атина, по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан, беше истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.
Премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на европската комисија Урсула Фон дер Лајен, информираат од владината прес-служба, разменија мислења за текот на скрининг процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите.
Двајцата соговорници се осврнаа на придобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст на претседателката Урсула Фон дер Лајен, како што се приближувањето до единствениот пазар на ЕУ и продлабочувањето на регионалната економска интеграција, кои се исклучително важни за секоја од земјите.
Клучно за земјите од Западен Балкан е да се забрзаат фундаменталните реформи, за што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот.
Говорејќи за предностите на членството во ЕУ, уште еднаш беше потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Северна Македонија во Унијата.
На средбата се разговараше и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, чија евроинтеграција има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа.