Кумановскиот градоначалник и претседателски кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски е повикан на распит во обвинителството.
Димитриевски објави дека добил покана да се јави во Обвинителство на 15-ти месецов во својство на обвинет за неизвршување на судска одлука. Фотографија од поканата Димитриевски ја објави на социјалните мрежи, наведувајќи дека притисоците продолжуваат, но тоа нема да го обесхрабри.
„Притисоците не престануваат туку како и што очекував се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда, а ќе има и мир, а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем“, објави Димитриевски.
Димитриевски на 2-ри месецов влезе во судница во Основниот суд во Куманово по обвинението против него за злоупотреба на службена положба и овластувања. Кумановски градежни фирми му поднесоа кривична пријава.
Фирмите го пријавија кумановскиот градоначалник дека не им издава градежна дозвола за изградба на висококатница и дека претрпеле штета од 55.000 евра, затоа што не им издал решение за наплата на комуналии за објектот.