Димитриевски: Македонија мора да се обедини доколку сака да се зачува и опстане

Претседтелот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес-конференција рече дека вчерашниот ден, на прв поглед, изгледал како и секој друг, но по својата суштина, тој е дел од истата историска нишка што ја ткае македонската борба со векови.

Вчера бевме сведоци на уште една страница од истата книга, книгата на македонскиот отпор, на истрајноста, на постојаното исправување по секое удирање. Македонија поминува низ овторена историја. И ако не се спротивставиме, ако не поставиме јасна, достоинствена, државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи од својата жртва“, рече Димитриевски.

„Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. Движењето Знам за Наша Македонија токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење“.

Претседателот на ЗНАМ потенцира дека Европа треба да биде простор на вредности, не на уцени.

„Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот.

Грчката пратеничка во Европскиот парламент, Афродита Латинопули, од удобноста на европските клупи, изјави дека била „вистинска горда Македонка, а не лажна како резидентите во Скопје“.

Добредојдена е во нашата Македонија – кога и да посака. Но да знае: вистинските Македонки не даваат изјави за аплауз, туку се борат овде, секој ден.

Како словенечката пратеничка Ирена Јовева, која со исправена глава, на македонски јазик, им се обрати на бугарските колеги.

Димитриевски посочи дека Република Бугарија води политика на културна агресија, со дипломатија на бела ракавица и со историско фалсификување.

„И денес, 80-тина години подоцна, истата идеологија, само со поинакви методи, се обидува да го избрише македонскиот народ. Нема гасни комори, но има политички условувања. Нема возови кон Треблинка, но има преговори што водат кон поништување на идентитетот. Нема униформирани фашисти, но има модерни дипломати со исти цели: да го претворат македонскиот народ во историска забелешка, без јазик, без култура, без корен. Тоа што не го завршија со еврејската заедница во Македонија во 1943, сега се обидуваат да го сторат со целиот македонски народ“.

Тој додаде дека тогаш нè убиваа телесно, денес сакаат да нè убијат духовно и национално.

Сега, рече Димитриевски, тие не нè напаѓаат со оружје, туку со параграфи, услови и напишани „пријателства“ во анекси и протоколи.

„Не сакаат само да се согласиме со нив, туку инсистираат да се откажеме од себе. Ние не бегаме од вистината, туку ја носиме како оружје. Нашата идеологија е јасна: Македонија на прво место“.

Димитреивски рече дека трагедијата е во тоа што овде, во Скопје, токму на ваквата политика и се отвори ширум вратата и започна токму од нашите дворови.

„И тоа преку изјавите на поранешниот Претседател на државата, Стево Пендаровски, човекот кој не само што јавно се декларираше како творец на Францускиот предлог, туку и без срам изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин, потоа преку Зоран Заев, кој со потпишувањето на Преспанскиот договор го замени македонскиот идентитет со „коса црта“. Потоа, преку поранешниот Претседател на Владата, Димитар Ковачевски, кој потпиша договор без консултација со народот, се до министри кои ги променија учебниците, не заради вистината и историјата, туку заради наредба. Тоа раководството на СДСМ го внесе бугарскиот наратив во институциите. Тогашната владејачка гарнитура предводена од ДУИ и нивниот привезок СДСМ не беше вистинска власт, туку слуга на странски и партиски интереси. Ги интересираа само тендерите, компаниите, дипломатските пасоши и иднината на нивните семејства надвор од државата“.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија нуди, рече тој Национална платформа за македонско национално единство – документ кој ги дефинира црвените линии на македонскиот национален интерес и повикуваат сите политички партии да ја прифатат.

„Но господата од СДСМ, наместо барем да ја прочитаат, ја отфрлија во првиот момент. Не затоа што имаа аргументи, туку затоа што ги засрамува. Затоа што секој ред во таа платформа е сведоштво за нивната капитулантска политика и молкот кога требаше да застанат во одбрана на македонскиот идентитет“.

Запрашан каде го гледа решението со проблемот со Бугарија, тој одговори: „Времињата кога Македонија и македонското прашање се решавани на релација Софија, Атина, Белград се минато. Имаме партнери во меѓународната заедница, ќе зборуваме и ќе бараме разбирање. Тоа е всушност улогата на дипломатијата. На Македонија и е потребно национално обединување како никогаш досега. Доколку имаме елементи кои од внатре не гушат, тогаш стануваме послаби. Македонија е една од главните стратешки точки на овие простори“.

На прашањето дали го подржува ставот за уставните промени и дали се за Европската унија, Димитриевски рече: „Барањата кои доаѓаат од официјална Софија и се потврдија со една нова
резолуција пред месец и половина се веќе депласирани. Она што се случи во Европскиот парламент, национализам, па дури и етношовинизам од поединци претставници кои доаѓаат од соседна Бугарија, но за жал и од соседна Грција, потврдуваат дека ние веќе не разговараме за промени на уставот. Очекувам и нови барања, и доколку Европа сака да функционира така, тогаш нека си ги чува, а ние ќе го бараме нашиот пат и своето решение. Со сопствени сили до таму каде што можеме. Можам да гарантирам, како партиципиент во власта, дека ЗНАМ ќе остане на својот европски курс, но ќе се свртиме кон себе си и ќе бараме дополнителен начин како да го продобриме животот на граѓаните“.