– Мора да ја спречиме корупцијата, мора да ја вратиме правдата. Ние во Македонија имаме судови и судии, правда немаме. Имаме обвинителства и обвинители, а обвиненија само за оние кои пркосат со власта, изјави вечерва Максим Димитриевски, претседателски кандидат на Движењето ЗНАМ, За наша Македонија во Кавадарци.
Од позиција на иден претседател на државата рече дека во првите сто дена ќе предложи стратегија за борба против корупцијата и криминалот. Но, особено за борба против политичкиот кримина бидејќи, како што нагласи, главниот криминал и корупција се токму во политиката. Народот е сила, истакна тој, а партиите постојат за народот и кога ќе се однародат, народот им вели „не“.Затоа повика за обединување на народот и упати порака дека е можно тоа.
Димитриевски се осврна на нивната програма „Манифест за Македонија“, упати критики за тоа како се одвивале работите во изминатите триесет години, говореше за променетите општествени вредности и најави промени.
– Масовноста овде значи дека сме на вистинскиот пат, истакна тој, подвлекувајќи дека треба да се создадат услови за внесување достоинствено во Европа, да се вратат тие што заминаа.
Димитриевски критикуваше за лоша организираност на работите во државата која има се, многу предности. Најави еднакви права, но и обврски за сите, беше дециден дека Македонија е Република и таква и ќе остане. Овие избори, рече, се суштинскиот момент. Сега е моментот. Да се излезе масовно на избори.
Нашата цел е, додаде, Македонија да ја трансформираме во самоодржлива држава. Држава што ќе биде своја на своето. Граѓаните, подвлече, заслужуваат поубав и подостоинствен живот.
– Масовно да излеземе на избори на 24 април и да ја дадеме поддршката, таму каде што се граѓаните, а граѓаните се со ЗНАМ, за наша Македонија, а јас како претседател на Македонија, ќе го дадам својот максимум за сите и ќе бидам претседател на сите, порача тој од Кавадарци.
Караванот на Димитриевски претходно ги посети Демир Капија и Неготино. Во Демир Капија тој најави дека ќе иницира законски решенија за директна помош на вистинските винопроизводители.
– Од позиција на претседател на Македонија ќе иницирам нови законски решенија за директна помош, особено на реалните винопроизводители, а се со цел семејните активности да се трансформираат во семејни бизниси, а малите бизниси да се трансформираат во средни бизниси. Тоа ќе придонесе во равојот на економијата, како и во зголемувањето на приходите во буџетот, рече Димитриевски.