Димитриеска-Кочоска: Една банка е подготвена да субвенционира дел од каматата за кредитот од Унгарија

Една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија, открива министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На неколкуте состаноци досега банките генерално се изјасниле против ваквата идеја, вели министерката, но од една банка, на посебен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, сепак, се согласиле со иницијативата на владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот.

Министерката не откри дали станува збор за една од трите најголеми банки, а деталите ги најави по следниот состанок со Mакедонската банкарска асоцијација в недела, на кој ќе присуствува и премиерот. На прашање зошто досега не успеале да се договорат со банките, таа вели:

„Ние не е дека не сме завршиле порано, чекавме да се префрлат парите, да легнат на сметки и да видиме како ќе ги префрлиме кон Развојната банка. Притоа, зборувавме дека каматната стапка е 3,25% и таа ќе остане. Значи, целта на владата е каматната стапка да биде таа по која сме го земале кредитот. Тука имавме дискусија, дали банките, на некој начин, ќе учествуваат во субвенционирање на каматната стапка, иако сакам да кажам дека досега од 2011 година па наваму, повлечени се повеќе од 650 милиони евра по различни кредитни линии, за кои каматната стапка ја субвенционирала државата. Премиерот сакаше да оди еден чекор понапред, бидејќи постојано банките се на удар, нели, од аспект на високи профити итн. Сакаше да постигнеме некаков договор, при што банките би преземале мал дел од трошокот на свој грб за да учествуваат во помош на стопанството и да ги раздвижиме инвестициите“.

Димитриеска-Кочоска беше прашана колку е реално да се очекува непазарно, некомерцијално однесување од банките.

„Секоја компанија треба да има малку и општествена одговорност, а банките, пред сè, бидејќи имаат големи профити. На состанокот што го имавме, банките генерално кажаа дека не би се согласиле да субвенционираат дел од каматата. И рековме во ред, не крајот од денот не правиме ние нешто поразлично од која било претходна влада што го направила, но целта беше да ја поделиме таа општествена одговорност. Ајде, Владата има обврска, но да учествуваат и банките. Сепак, во целата таа ситуација се појави банка која, на посебен состанок со премиерот, кажала дека е спремна да учествува со дел од субвенционирањето на каматата“, одговори министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.