Димитриеска-Кочоска за бојкотот на маркетите: Почитувајте го Законот за нелојална трговија и сите други закони

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира да се почитува Законот за нелојална трговија и да не се злоупотребува моментот што надлежна институција не се појавила на терен. Таа признава дека периодов поради ограничените капацитети не можеле да излезат на терен и дека се работи на нивно комплетирање, за што денеска на Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе бидат потпишани седум договори за вработување. .

„Точно е дека во овој период, поради ограничените капацитети, одредени институции не можеа да излезат и да ја контролираат состојбата, но кога се во прашање финансиските инструменти и трансакции, се останува засекогаш. Тоа значи дека, на пример, можеме да направиме инспекција и по 12 месеци и доколку констатираме неправилности ќе следуваат казни. Затоа апелирам до сите компании во државата да ги почитуваат законите бидејќи во одреден момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе изврши увид, по што ќе следат драконски казни“, изјави Димитриеска-Кочочка.

По денешниот бојкот на маркетите поради високите цени на основните прехранбени производи, од Управата за јавни приходи предупредија дека ќе излезат со информации дали и колку е намален прометот во комерцијалните мрежи.

По примерот на Хрватска и на неколку други земји, денес и кај нас преку социјалните мрежи се повикуваат граѓаните да не пазаруваат. Бојкотот го поддржа Владата, но и повеќе партии.

Податоците на Конфедерацијата на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Пораст од 123 денари е забележан во секторот храна и пијалаци. Истовремено, од ССМ нагласуваат дека вредноста на синдикалната минимална плата е зголемена за 6.089 денари за само една година, што значи зголемување од 10,63 отсто.

Последните статистички податоци покажуваат дека трошоците за живот во 2024 година во однос на 2023 година ќе се зголемат за 3,5 отсто, додека цените на мало ќе пораснат за 3,8 отсто.

Во пресрет на бојкотот, дел од маркетите најавија намалување на цените на одредени производи, промоции за потрошувачите, а дел од нив најавија дека ќе се пријават.