Димитриеска-Кочоска: Обезбедивме дополнителни 600 милиони денари средства за инвестиции во локалниот развој и реализација на општински проекти

Собранието на Северна Македонија денес го одобри Предлог-одлуката за прераспределба на средствата меѓу буџетските корисници за 2025 година, со која се обезбедуваат дополнителни 600 милиони денари средства за инвестициски проекти, соопшти Министерството за финансии.

Тие велат дека средствата предвидени со Предлог-одлуката се наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, во согласност со објавениот Повик и критериумите утврдени од надлежните министерства. Преку прераспределбата, дополнителни 242,3 милиони средства беа обезбедени и за Министерството за социјална политика, демографија и млади за надоместоци наменети за социјална заштита.

„Станува збор за обезбедување средства за реализација на инвестиции во општините кои се дел од нашиот концепт за развој, особено развој на локално ниво. Дополнителни средства од 600 милиони денари се ставаат на располагање на општините за инвестиции, што значи подобри услови за живот за граѓаните и подобри услуги од општините. Целта на Владата е да го поддржи локалниот развој, а воедно да го поддржи економскиот раст. Со оваа одлука, средствата ги распределивме во буџетите на надлежните институции и оттаму ќе бидат префрлени на општините во согласност со динамиката на реализација на проектите“, нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа објасни дека со одлуката усвоена од Собранието, финансиски средства во вредност од 100 милиони денари се прераспределуваат на Министерството за социјална политика, демографија и млади, 361,2 милиони денари на Министерството за образование и наука, 62,4 милиони денари на Министерството за спорт и 60 милиони денари на Министерството за култура. Оваа распределба се врши врз основа на проектите доставени и одобрени на вториот јавен повик на кој општините доставиле проекти за нивна реализација.