Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, од вчера учествува на годишната Виенска конференција за миграција, организирана од Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD).
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграција и партнерства“, Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ICMPD, Михаел Шпеделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливиот миграциски пејзаж во регионот.
За време на разговорот, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на единствена пресвртница во управувањето со миграцијата како регион кој е истовремено земја на потекло, транзит и сè повеќе дестинација за мигрантите.
„Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во контекст на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучните сектори“, се вели во соопштението на Министерството.
Димитровски нагласи дека нашата земја активно се прилагодува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција кои одговараат на демографските и економските потреби на земјата.
Тој, исто така, ја нагласи важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на мобилност на работната сила, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше подвлечено дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи, како што се Пактот за миграција и азил и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои ја нагласуваат важноста на соработката со земјите на потекло во областите на мобилност, развој на вештини и управување со враќањето на мигрантите.
„Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во овој поглед, нашата земја ниту ја разгледува, ниту ја поддржува идејата за отворање кампови за враќање на одбиените баратели на азил“, се вели во соопштението