Администрацијата на претседателот на Русија, Владимир Путин, им порача на официјалните лица во државата да престанат да ги користат мобилните телефони на Apple поради загриженоста дека уредите би можеле да бидат ранливи на западните разузнавачки агенции, објави во понеделникот весникот Kommersant.
На семинарот организиран од Кремљ за функционери вклучени во внатрешната политика на Руската Федерација, првиот заменик-раководител на кабинетот на рускиот претседател, Сергеј Кириенко, им рекол на функционерите да ги сменат мобилните телефони најдоцна до 1. април, пишува весникот, повикувајќи се на неименувани извори.
„Готово е со Ајфоните: Фрлете ги или дајте им ги на децата“, цитираше весникот еден од учесниците на состанокот кој додал: „Сите мора да го направат тоа овој месец“.
Кремљ може да обезбеди други уреди со различни оперативни системи за замена на Ајфонот, пишува Kommersant.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека не може да го потврди објавениот извештај, и кажа дека паметните телефони и онака не можат да се користат за официјални цели на државата.
„Претседателот Владимир Путин секогаш кажува дека нема паметен телефон“, изјавил Песков, но и кажал дека Путин повремено користи Интернет.
Набргу откако Русија испрати војници во Украина минатата година, американските и британските тајни служби дојдоа до разузнавачки информации кои подоцна и ги објавија, а истите беа дека Владимир Путин планира инвазија. Не е јасно како тајните служби на западните земји дошле до овие информации и не е исклучена можноста тоа да е со помош на паметните телефони.