Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев во интервју за Агротим зборува за досегашните активности на агенцијата, ситуацијата која ја затекнале и плановите на АФПЗРР, заедно со МЗШВ и Владата кои ќе придонесат за поголем развој на вкупниот македонски аграр.
Интервјуто го започнавме со најчестото прашање на земјоделците – кога ќе има исплата на субвенции за одредени земјоделски гранки.
АГРОТИМ: Најчестите прашања на производителите се поврзани со исплатата на субвенциите. Какви се плановите, кои земјоделци наскоро да очекуваат субвенции за своите производства?
-Земјоделците веќе ја добија пораката од Владата и МЗШВ за нивна подршка која е изразено силна и недвосмислена кога станува збор за поддршка во секторот земјоделство: По формирањето на новата Влада веднаш се алоцираа со измена на програмата неподмирени обврски околу 600.000.000 денари за исплата на заостанати обврски за исплата на субвенции од минатите години ,а со ребалансот на буџетот кога дополнително се издвоија уште 1.285.000.000 денари се испрати пораката до сите земјоделци и останати корисници на финансиска подршка дека Владата има сериозен пристап кон агросекторот и квалитетно ќе ги подржува земјоделските политики кои ќе носат развој на земјоделството и економијата во целост.
АФПЗРР во изминатиот период превзема низа активности и работеше на анализа на состојбите со исплата на субвенциите по сите мерки каде констатиравме дека е потребно да се пристапи кон одредени промени во делот на начинот на исплата и модифицирање на мерките кои не го испорачале бараниот ефект иако подолг период се применуваат и користат од страна на земјоделците. Сите овие предлози ке бидат доставени до МЗШВ каде до крајот на годината ќе се носи новата програма и уредба за 2025 година. АФПЗРР преку секторите за директни плаќања и секторот за рурален развој посветено работи на ажурирање на податоците во ситемот и во најголем дел сме подготвени за исплата на субвенциите по сите мерки. Веќе се реализира исплата по јавниот повик 03/23 за мерка 121 во износ од 5,8 милиони денари за подигнување на нови лозови и овошни насади и друго и 55.703,770 денари за произведен домашен лозов и овошен саден материјал. Во текот на неделата очекуваме да бидат реализирани налозите за исплата по мерка 2.17 за презимени пчелни семејства за апликанти кои имаат пријавено повеќе од 50 пчелни семејства (дополнителни 200 денари по пчелно семејство) ,мерка 2.13 Директни плаќања за продадени или заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети и меркатата 2.4 за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Потребно е да се напомене дека АФПЗРР до крајот на календарската 2024 година и подготвена да ги исплати сите неисплатени субвенции од 2023 година кои се со вредност повеќе од 1.000,000,000 денари или околу 16.000,000 евра и пораката до земјоделците е да АФПЗРР сериозно работи кон надминување на сите пречки кои не биле од корист на земјоделците. Во изминатиот период воведовме нова електронска алатка ,,модул,, кој е од голема корист за земјоделците каде со најава во системот сами можат да ја прегледаат состојбата со исплатата на субвенциите по сите мерки и да ги дознаат евентуалните пречки поради кои не се исплатени како долг по одредени основи или неточно доставена трансакциска сметка и др. Така да нема потреба повеќе земјоделците да се изложуваат на трошоци или на други непријатности и добивање одредени неточни или непроверени информации.
АГРОТИМ: Најголеми поплаки за доцнење на субвенциите има од сточарите. До каде е исплатата на субвенциите за млеко?
Со исплатата за млеко затекнавме една крајно разочарувачка состојба, АФПЗРР во моментот во својата евиденција констатира задоцнување од 14 месеци за исплата на произведено кравјо, овчо и козјо млеко. За таа цел во текот на наредните денови ќе се реализира исплата за месеците август, септември ,октомври ноември и декември 2023 година со што динамиката за исплата на оваа мерка во наредниот период значително ќе ја забрзаме се со цел сточарско производство полека да ги санира штетите кои му беа нанесени од погрешните политики во минатото. Во АФПЗРР, заедно со МЗШВ и Владата ќе работиме посветено со позитивни мерки кои ќе носат развој и сигурност да го вратиме сточарството на вистинскиот пат, бидејки оваа гранка е од исклучително значење во системот кој значи баланс на користење на храна, и производство на храна од животинско потекло од домашно производство .
АГРОТИМ: Дали се очекуваат повици за мерки од програмата за Рурален развој? Млад земјоделец, Рурална жена, Педигриран добиток, субвенции за набавка на садници…?
Имаме малку простор до крајот на годината да сториме нешто спектакуларно во делот на програмата за рурален развој знаејки колку временски е потребно да се објави и менаџира целиот процес до негова исплата, но секако ќе се обидеме да ги затвориме започнатите мерки за педигриран добиток за набавка на јуници, а веќе ги исплативме апликантите за мерката 121 за подигање на нови насади. Пред извесен период ја објавивме мерката за рибарство и аквакултура, во подготовка сме за објава и за мерката ,,млад земјоделец“ „рурална жена“ и др. АФПЗРР работи посветено, секторите иако со недостаток на доволен број на вработени и несоодветни просторни услови за работа сепак кога станува збор за испорачување на квалитет работат во интерес на земјоделците .
АГРОТИМ: Актуелна во моментов е преднајавата за повикот за популарната Мерка 7 од ИПАРД 3. Каков одзив очекувате, со оглед дека се објавува втор пат?
ИПАРД 3 кампањата е дел кој го обработуваме со посебно внимание, бидејки критериумите се поинакви, 75% е финансирано од ЕУ, а барањата од страна на Европската комисија се прецизни и да поедноставиме сепак тоа се средства од нивните даночни обврзици и ние како АФПЗРР подеднакво сериозно пристапуваме кон овие програми и мерки како и со националните програми. Одзивот за мерките по ИПАРД програмите постојано се зголемува и тоа е за поздравување затоа што искористеноста на програмата е со повисок процент. Сметаме дека овој позитивен тренд се должи на фактот што мерките се препознаени како корисни за развојот во руралниот сектор и се добро менаџирани од страна и на апликантите и АФПЗРР која вложува големи напори да ги информира граѓаните организирајки инфо денови преку кои одблизу ќе ја презентира мерката. Во наредниот периот тимови од АФПЗРР од секторот за ИПАРД преку инфо денови ќе организираат презентации во повеќе региони низ државата.
АГРОТИМ: Забележуваме дека во преднајавата изостануваат непрехрабените производства. Со оглед дека има голем интерес за нив дали ќе има нов повик во кој ќе бидат опфатени?
Секако дека ќе имa, но тоа сега во моментот не можам со сигурност да го потврдам кога ќе има и со кој буџет ќе се располага се надевам во некоја наредна прилика ќе имаме повеќе информации за секторите од мерка 7 кои се поврзани со непрехрамбено производство. Идеата е сега да се стави акцент на земјоделските дејности и руралниот развој во делот на изградба на инфраструктурата во руралниот туризам.
АГРОТИМ: Кога ќе има резултати за апликациите од Мерка 1 и Мерка 3 кои беа објавени?
Ранг листите по мерките 1 и 7 се веќе јавно објавени на веб страната на АФПЗРР и апликантите во секое време можат да направат увид по архивски број од нивната апликација. Потребно е да истакнам дека како директор на АФПЗРР од првиот работен ден се залагам за максимална транспарентност и отварање на агенцијата кон јавноста и земјоделците .
АГРОТИМ: Кога да се очекува повик и за Мерка 1?
Знаете кога станува збор за ИПАРД претходно истакнав дека ,, правилата на игра“ се поинакви и се додека не се потпише и последниот договор со апликантот од претходниот повик ние како АФПЗРР не можеме да објави нов повик, но се работи посветено и оптимисти сме да до крајот на 2024 година би можела да објавиме и повик по мерка 1.
АГРОТИМ: Најавувавте новитети во функционирањето на Платежната агенција, дали можеби ќе има и Календар на исплата на субвенциите?
Новитет за нас не е календарот за исплата на субвенции бидејки тоа и не менува многу во квалитетот и развојот на земјоделството, мислам дека повеќе претставува оптеретување и непотребна обврска која на некој начин врши притисок врз работата на АФПЗРР. За нас како АФПЗРР новитети се мерки кои би носеле развој во земјоделскиот сектор, потоа нови начини на исплата на субвенции и воведување на нови мерки кои ги бараат земјоделците. Новитети може да се модифицирање на одредени мерки кои досега поради одредени недостатоци не го манифестирале ефектот во целост. Владата, МЗШВ и АФПЗРР имаат своја мисија да го подготват Аграрниот сектор до Европското земјоделство и затоа реформите се неминовни и вложувањето во оваа значајна примарна гранка секако ќе биде приоритет и во наредниот период.
Извор: Агротим.мк