Дискотеката во Кочани со блокирана сметка организирала концерти

Фирмата „ММММ кафе ДООЕЛ“, носител на лиценцата за „Клуб Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, е со блокирана сметка, покажуваат информациите од „Бизнис мрежа“, софтвер кој црпи информации од Централниот регистар. Ова го отвора прашањето, како оваа фирма продавала карти, но и пијачки на присутните во клубот, каде се случи големата трагедија. Фирмата е основана во 2020 година.

Според лиценцата издадена од Министерството за економија, објавена од ТВ21, фирмата ја добила лиценцата на 13.03.2023 година, од државниот секретар Размена Чекиќ Дуровиќ. Не се знае дали е истечена или не.

Претходно, беше објавено дека објектот каде била дискотеката, порано бил магацин за теписони. Како била направена пренамена – останува непознато. Соодветноста на објектот го проверуваат и од МВР, бидејќи во дискотеката имало стотици гости, а имало еден влез, кој бил тесен и мал.

Од кочанската болница веќе известија дека последицата за смртта кај повеќе лица било токму стапедото на излезот од објектот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кажа дека под истрага се и тие кои ја издале лиценцата за дискотека, како и инспекциските служби кои требало да го контролираат работењето.