Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, која во петокот ја доби Нобеловата награда за мир за 2025 година за нејзината борба за враќање на демократијата во Венецуела, се најде во центарот на контроверзиите поради нејзината мината поддршка за Израел и повиците за странско мешање во внатрешните работи на нејзината земја.
Нобеловиот комитет ja пофали Мачадо како „застапник на мирот“ и „клучна, обединувачка фигура на некогаш поделената политичка опозиција“.
Претседателот на Комитетот, Јорген Ватне Фриднес, рече дека храброста на Мачадо „го одржала жив пламенот на демократијата во Венецуела во моменти на растечка темнина“. Тој ја пофали за „останувањето во земјата и покрај сериозните закани по нејзиниот живот“, нарекувајќи ја симбол на отпор кон авторитаризмот. Сепак, набрзо следеа критики.
NDTV World во саботата објави дека многумина се сетиле на претходните изјави на Мачадо во кои таа изрази поддршка за Израел и премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата партија Ликуд, обвинувајќи ја за поддршка на геноцидот во Газа.
Во претходен пост, Мачадо напиша: „Борбата на Венецуела е борба на Израел“, а подоцна го нарече Израел „вистински сојузник на слободата“.
Норвешкиот пратеник Бјорнар Мокснес потсети дека Мачадо потпишалa документ за соработка со Ликуд во 2020 година, истакнувајќи дека тоа „ја прави оваа награда некомпатибилна со целта на Нобеловата награда“.
Советот за американско-исламски односи (CAIR) исто така ја осуди одлуката на Комитетот, нарекувајќи ја „неоправдана“ и велејќи дека „го оцрнува угледот на Нобеловиот комитет“.
Мачадо претходно беше цел на критики за писмо од 2018 година, упатено до израелските и аргентинските лидери, во кое таа побара нивна поддршка со цел „да се постигне напредок во демонтирањето на криминалниот режим во Венецуела“.
Негодувањето се зголеми уште повеќе откако американскиот претседател Доналд Трамп – чија администрација претходно го обвини Нобеловиот комитет дека „ја става политиката пред мирот“ додека се претставуваше како кандидат за наградата – рече дека е „среќен за неа“ откако Мачадо му ја посвети наградата.