Договорено: Каков ќе биде исходот?

Јужна Кореја и Соединетите Држави се согласија да започнат со изготвување трговски пакет со кој ќе се избегне повторното воведување на реципрочни американски тарифи во јули, соопшти јужнокорејската делегација по првиот круг разговори во Вашингтон.

Американскиот министер за финансии Скот Бесант го оцени состанокот како „многу успешен“ и најави дека техничките разговори би можеле да започнат веќе следната недела, пренесе АП. 

Јужнокорејските министри за финансии и индустрија Чои Санг Мок и Ан Дук Геун се состанаа со Бесант и со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир. 

Јужна Кореја побара ослободување од постојните американски царини, особено 25 отсто што го погодија нејзиниот автомобилски сектор, и понуди соработка во бродоградба, енергија и намалување на трговскиот дисбаланс.

„Имавме добар почеток“, рече министерот за индустрија Ан, додавајќи дека страните се договориле следната недела да одржат технички разговори за финализирање на таканаречениот „јулски пакет“ до 8 јули.

Следната рунда преговори е закажана за 15 и 16 мај во Сеул. 

Разговорите опфаќаат четири клучни области – тарифни и нетарифни бариери, економска безбедност, инвестициска соработка и девизна политика. 

Иако американските власти се оптимисти, експертите предупредуваат дека претстојните вонредни претседателски избори во Јужна Кореја, закажани за 3 јуни, би можеле да го забават процесот. 

Поранешниот претседател Џун Сук-Јол беше разрешен поради обид за воведување воена состојба, а сегашниот вршител на должноста претседател Хан Дук-су го поддржува постигнувањето договор.

Сепак, опозицијата обвинува дека преговорите ги користи за политички цели. Прашањето за трошоците за одбраната, претходно споменато од американскиот претседател Доналд Трамп, не беше тема на разговор, потврдија јужнокорејски претставници.

Исто така, не се споменуваше повторно отворање на билатералниот трговски договор од 2007 година. 

Како дел од пошироката стратегија за енергетска безбедност, се очекува САД да одржат самит во Алјаска во јуни, каде Јапонија и Јужна Кореја би можеле да објават поддршка за проектот за извоз на течен природен гас (LNG), иако Сеул вели дека проектот сè уште се анализира.