Изјавите на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Договорот од Преспа, ЕУ перспективата на земјава, како и билатералните односи, продолжуваат и понатаму да се актуелни во Грција, а денеска се и на насловните страници на неделните изданија на весниците, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се направи анализа, речиси сите весници кај јужниот сосед на денешните насловни страници имаат текстови, анализи, интервјуа, колумни, поврзани со нашата земја.
„Повторно преговарање за Договорот од Преспа сака лидерот на ВМРО“-пишува весникот „Реал њуз“, кој воедно има и интервју со шефот на грчката дипломатија.
Неделното издание на солунскиот весник „Македонија“ на насловната страница го пренесува интервјуто на грчкиот премиер под наслов „Преку МтК Кирјакос Мицотакис ги одредува црвените линии кон соседите“, во кое, како што претходно објави МИА, говори и за Договорот од Преспа.
„Владина двојазичност за Договорот од Преспа“ е текстот на насловната страница на про-опозицискиот весник „Контра“, а десничарски ориентираниот „Димократија“ пишува „Салтата на Нова демократија на Кирјакос за Договорот од Преспа што водат до апсолутен ќорсокак“.
Весникот „То Вима“ се задржува на регионот со наслов „Од Балканот и срцето на Европа до Украина и Грузија – Во жив песок“.
Весникот „Катимерини“ на насловната страница го поставува прашањето „Дали е во опасност Договорот од Преспа?“ и меѓу другото пренесува и колумна на поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
Професорите Евантис Хаѕивасилиоу и Ангелос Сиригос (кој воедно е и пратеник од Нова демократија) анализираат за „Катимерини“ дали договорот може да се промени или да се поништи, коментираат дека со изборот на ВМРО-ДПМНЕ „ќе се тестира издржливоста на Договорот“.
Паралелно ги анализираат членовите од Договорот, задржувајќи се на две одредби за кои коментираат дека се непроменливи и се однесуваат „на употребата на името Северна Македонија и на признавањето на македонско државјанство/ државјанин на Република Северна Македонија и на македонскиот јазик“.
-Можно поднесување пријава за Договорот не го ослободува Скопје од задолжителната употреба на терминот „Северна Македонија“. Единствен случај е доколку двете држави се согласат да го променат Договорот во целост во понов договор, вклучувајќи ги и двата конкретни параграфи. Но, ако се земат предвид позициите на двете страни, такво нешто веројатно е невозможно да се случи. Напротив, ние ќе продолжиме да живееме со контрадикторноста државата да се вика Северна Македонија, но јазикот да не е северномакедонски, пишуваат професорите.
Објаснуваат дека во случај на прекршување на договорот, најлогично е да се следи процесот предвиден со член 19, односно, „како што е во конкретниот случај Атина да започне со информирање на Скопје, а овој процес може да стигне дури и до Меѓународниот суд“.
Весниците во Грција потсетуваат на минатонеделната инаугурација на претседателката Сиљановска Давкова и нејзината одлука да го користи името Македонија, а ги пренесуваат и изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот став дека негово човеково право е како ќе ја нарекува сопствената држава.
„Катимерини“, во друг текст прави профил на новата претседателка и пишува дека „стана меѓународно позната со патриотската „пиротехника“ што ја фрли за време на инаугурацијата“.
-Таму, однесувањето повеќе ѝ беше со „душата“, а помалку со логиката, како што налага позицијата. Со изборот усно да положи заклетва пред „Уставот на Македонија“, а писмено пред оној на Северна Македонија, стана симбол на „македонскиот народ“. Тоа беше најдобрата јавна благодарност за оние кои на предизборните собири викаа „никогаш Северна, секогаш Македонија“, пишува искусниот новинар во „Катимерини“.
Весникот „Реал њуз“ пишува дека со ставовите на Сиљановска Давкова и Мицкоски, власта од соседната земја „фрла тешка сенка на односите со Грција и почеток на нов период на тензии и несигурност“, но и дека „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сака нови преговори за Договорот од Преспа“.
-Според информациите од дипломатски извори, иако ВМРО-ДПМНЕ сега тврди дека ќе го почитува Договорот од Преспа, прашањето со одново преговарање, продолжува да е приоритет за Мицкоски и врвните функционери од неговата партија. Секако, истите извори се прашуваат што точно би сакало да преговара новото раководство на Скопје, кога Договорот од Преспа во член 20 параграф 9 предвидува дека членовите што го одредуваат новото име на земјата не можат да се променат, пишува весникот.
Актуализирањето на Договорот од Преспа предизвика нови препукувања и во внатрешноста на Грција меѓу власта и опозицијата, со оглед на тоа дека земјата е во предизборен период во пресрет на европските избори на 9 јуни, а главната тема на конфронтации, пред сè, се трите меморандуми и нивната (не)ратификација.
Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на премиерот Мицотакис и лидерот на опозициската СИРИЗА Каселакис, а будно ги следат и случувањата кај нас, во исчекување на новата Влада.
Освен во весниците, македонско-грчките односи веќе една седмица речиси секојдневно се дел и од вестите на грчките телевизии.