Мировните сили на Косово (КФОР) предводени од НАТО во понеделникот ја предупредија Приштина по купувањето турски вооружени беспилотни летала, потсетувајќи ја дека само тие се одговорни за нејзиниот воздушен простор.
Ова соопштение на КФОР доаѓа еден ден по веста за набавка на турски беспилотни летала TB-2 Bayraktar што ја објави премиерот Албин Курти.
„Кога станува збор за употребата на сите видови беспилотни летала и соодветните ограничувања, вклучително и во врска со TB-2 Bayraktar, командантот на КФОР ја има главната одговорност за воздушниот простор над Косово“, се вели во соопштението.
Албин Курти во неделата на социјалните мрежи објави фотографии на кои стои покрај новите моќни дронови.
„Во нашиот воен арсенал додадовме беспилотни летала TB-2 Bayraktar што ги купивме од Турција“, задоволно изјави Албин Курти, додавајќи: „Косово сега е побезбедно и исто толку гордо!“
Многу се пишуваше за TB-2 Bayraktar минатата година поради неговата улога во првите фази на одбраната на Украина од руската инвазија, а беше купен од десетина армии, објави Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS).
Владата на Косово сака да ги реорганизира Косовските безбедносни сили (КБС), лесно вооружени безбедносни сили, во редовна Армија со 5.000 мажи и 3.000 резервисти.
Официјален Белград и неговите главни сојузници, Кина и Русија, не сакаат да ја признаат независноста на Косово.
Тензиите остануваат високи во Косово, по неколкумесечните бунтови во областите на северот со мнозинско српско население. На крајот на мај беа ранети повеќе од 30 војници на КФОР.
Албин Курти оваа недела во Брисел треба да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, каде двете страни се под силен притисок од Европската унија да ги намалат тензиите.