Лидерот на босанските Срби Милорад Додик денеска грубо го нападна Уставниот суд на Босна и Херцеговина, прибегнувајќи кон шовинистички навреди против судиите поради нивната националност, јави Хина.
Додик дојде на седницата на Парламентот на Република Српска во Бања Лука за да ги убеди претставниците да усвојат закони според кои одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина нема да се спроведуваат во тој ентитет, како и дека властите на РС ќе ги заштитат од гонење оние кои одбиваат да ги спроведат овие одлуки и на кои поради тоа им се заканува казна затвор до пет години.
Во долгиот говор пред претставниците, тој тврдеше дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина носи неуставни одлуки кои се на штета на РС и дека тие не треба да се почитуваат додека не се донесе нов закон за тој суд и од него да се избркаат странските судии.
Во согласност со одредбите на Дејтонскиот договор, Уставниот суд на Босна и Херцеговина има девет судии, од кои четворица се именувани од Парламентот на Федерацијата и двајца од Националното собрание на РС. Тројца странски судии се именувани од претседателот на Европскиот суд за човекови права, а во моментов на овие позиции се државјани на Швајцарија, Германија и Албанија. Странските судии требаше да бидат ограничен период во Уставниот суд, но услов за нивно заминување беше ново законско решение, за кое досега немаше политички договор во БиХ.
Додик тврди дека странските судии се тие кои промовираат централистичка политика во интерес на Бошњаците, а особено нападнал судија Албанец.
– Еден Албанец, Шип*ар, не може да ни каже што можеме, а што не можеме, рече Додик од собраниската говорница, користејќи го терминот Шип*ар, кој намерно го користи како погрден израз, исто како што упорно ги нарекува Бошњаците муслимани, одбивајќи да го користи името што им е загарантирано со Уставот.
Додик рече и дека по забраната за објавување во РС на одлуката на високиот претставник Кристијан Шмит и забраната за објавување и спроведување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, ќе следат нови мерки, пред се забраната за активностите на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина и Државната агенција за истраги и заштита (СИПА). Тој се закани и дека секој суд во РС што ќе се обиде да ги спроведе одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина веднаш ќе биде распуштен, а неговите вработени ќе останат без работа.
Сето тоа го смета за историски одлуки, но опозицијата веднаш му одговори дека нема ништо историско во тоа. Претставникот на Српската демократска партија (СДС), Вукота Говедарица, му рече на Додик дека тој веќе дваесет пати дал слични најави за историски одлуки, но всушност ништо не се случило.
„За овој закон, за кој разговараме денеска, на крајот ќе расправа и Уставниот суд на БиХ. Доколку се прогласи за неуставен, џабе веземе, господа“, порача Говедарица.